Ракометарките на ЖРК Пелистер на гостувањето во Малта славеа против Ла Сал со 24-30 во првиот натпревар од 3.коло во Челинџ купот. „Пелистерки“ имаат солидна предност и реални шанси на реваншот на домашен терен да го потврдат пласманот во следната фаза од ова европско натпреварување.
Македонскиот тим беше супериорен и имаше контрола на резултатот во текот на целиот натпревар. Уште на стартот „пелистерки“ поведоа со 2-7, во 22.минута стигнаа до највисоки +7 (7-14), а на крај од првото полувреме имаа водство од 11-16.
По првите пет минути во вториот дел, Ла Сал успеа да намали на 15-19, но, не и посериозно да ја загрози предноста на ЖРК Пелистер. Македонскиот претставник продолжи во ефикасно издание и со серија од 4-1 повторно се одлепи на +7 (16-23) на дваесетина минути пред крај.
Во последната четвртина „пелистерки“ влегоа со предност од 18-26 и веќе ја обезбедија победата во овој меч.
Ангела Јанкуловска и Анастасија Николовска со по шест гола го предводеа ЖРК Пелистер во победата. Пет погодоцои постигна Ива Божиновска, а со четири гола заврши Моника Талевска. Во составот на Ла Сал најефикасна беше Кристина Кала со седум гола.
Раваншот меѓу ЖРК Пелистер и Ла Сал е на 18 ноември во Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА