Вардар го игра своето најслабо полувреме во Лигата на шампионите сезонава, откако македонскиот првак на домашен терен по 30 минути игра се наоѓа во негатива против Барселона (9-13). Каталонскиот гигант игра маестрално во дефанзива, поставувајќи „ѕид“ пред Гонзало Перез де Варгас против кој „црвено-црните“ многу тешко се снаоѓаат.
Борозан донесе почетно водство на Вардар, но Барселона набрзо потоа ја презеде контролата. Подвижната одбрана на каталонците им создаде огромни проблеми на „црвено-црните“, на почетокот од седмата минута резултатот гласеше 1-4, принудувајќи го Парондо во раната фаза на натпеварот да побара тајмаут.
Веднаш по тајмаутот следеше исклучување на Фабрегас, но и загубена топка на Борозан по која гостите со нов контранапад зголемија на 1-5. А потоа дојдоа петте минути на Вардар, одбраната профункционира, следеа и лесни голови на спротивната страна, па Вардар експресно намали на 4-5. Борозан имаше и шут за израмнување, но го погоди само дирекот, по што исклучен беше Стојанче Стоилов. При водство на гостите од 4-6 во игра влезе и Карачиќ, а Дибиров беше играчот што го одржуваше Вардар резултатски, постигнувајќи го својот трет гол за 5-6.
„Црвено-црните“ повторно влегоа во криза во играта во напад, Гонзало Перез де Варгас се разбрани, а со двата гола на Донелец гостите повторно поведоа со четири гола разлика (6-10). Барса остана со ракометар помалку, Чупиќ промаши пенал, за Борозан конечно да ја прекине серијата без постигнат погодок. Сепак, немоќта во нападот стануваше се поочигледна, а тим како Барса знаеше како да го казни тоа и преку Виктор Томас да поведе со 7-12, за на крајот на полувремето резултатот да гласи 9-13.
На Парондо е да најде лек за оваа игра во дефанзива на каталонскиот гигант, ако сака Вардар да се врати и со пресврт да стигне до бодови на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА