Од Тетекс револтирани на ФФМ: На кого му пречи последниот бастион на македонизмот!?

Од тетовскиот второлигаш Тетекс искажуваат огромен револт кон судиската тројка на денешниот нивни дуел во Втората лига – Запад против Велазерими, прозивајќи ја и ФФМ за протежирање одредени второлигашки екипи на сметка на други.

„Кому му пречи Тетекс? Кому му пречи последниот бастион на македонизмот во Западна Македонија?“ – се прашуваат во своето соопштение од раководството на ФК Тетекс по мечот со Велазерими кој го добија кичевци со 0-3.

СООПШТЕНИЕТО ОД ФК ТЕТЕКС ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Присутните на натпреварот од 13. коло на 2. МФЛ – Запад, помеѓу екипите на ФК Тетекс и ФК Влазрими беа сведоци како не треба да се дели фудбалската (не)правда од страна на судиите Иванов, Ицковски и Недески. Посочената судиска тројка уште од стартот на натпреварот покажа дека во Тетово пристигна со оданпред подготвено сценарио, во кое ФК Тетекс треба да загуби. Тенденциозното судење на штета на ФК Тетекс започна уште во петтата секунда од натпреварот, односно после самото изведување на почетниот удар, кога беше досуден непостоечки фаул за Влазрими, а продолжи со недосудени два пенали за ФК Тетекс, после очигледно играње со рака во шеснаесетникот од страна на гостинските играчи. Низа на фаули што требаше да бидат досудени во полза на ФК Тетекс, беа судени во корист на противникот, а притоа беа покажувани жолти картони за нашите фудбалери. Главниот судија Иванов и вториот асистент Недески не успеаја да видат ниту намерно удирање по лице на наш фудбалер (бокс), иако се се случуваше пред нивни очи. Сето ова доведе до тензична атмосфера, што секако одеше во прилог на ФК Влазрими, кој веќе имаше предност од 0-1. За сето ова ќе објавиме и видео докази од тенденциозното и со нарачано судење на штета на ФК Тетекс, и целата јавност ќе може да се увери во фудбалската лакрдија што се случуваше во Тетово.
Сакаме да ги запрашаме и надлежните во Фудбалската Федерација на Макеонија, НА КОГО МУ ПРЕЧИ ФК ТЕТЕКС? Кој сака да го уништи последниот бастион на македонизмот во Западна Македонија?

Сегашното раководство на ФК Тетекс го врати клубот онаму кај што му е местото, во Тетово, на задоволство на тетовската публика и го финансира клубот со свои средства кои и не се така мали за наши услови. И сега некој ќе се дрзне со нарачки да го испадне ФК Тетекс од 2. МФЛ и да го уништи приватниот капитал кој се вложува во клубот. Раководството на ФФМ треба со своите постапки да ги заштите сите кои инвестираат свои средства во фудбалот, а не да се работи на штета на интересите на клубовите. Колку за потсетување, Истиот овој судија ја делеше фудбалскаа (не)правда и на првиот натпревар помеѓу овие две екипи во рамки на 4. коло, каде исто така нашиот клуб беше драстично оштетен, што секако остава сомнеж дека судијата Иванов од Велес одработува задачи за одредени структури кои не му мислат добро не само на ФК Тетекс, туку воопшто на фудбалот во Македонија. Континуираното судење на штета на ФК Тетекс кое се случуваше во изминатите 12. кола, кулминираше денеска и затоа во следниов период раководството на ФК Тетекс ќе одлучи дали вреди да се вложува во клубот и вооопшто во Македонскиот фудбал, со оглед на тоа дека сме сведоци на големи неправди кои му се нанесуваат на ФК Тетекс.

Со почит, 
Претседателство на ФК Тетекс АД – Тетово

Се вчитува...