Гостивар е екипата што прва го зеде скалпот на Блокотехна во новата сезона, откако со одлична игра во одбраната тимот предводен од Марјан Србиновски на гостински терен го совлада лидерот на табелата со убедливи 68-84. Домашниот тим причините за поразот мора да ги бара во сопствената непрецизност, пред се во ударите од далечина, дел од играта што кај Блокотехна вообичаено функционира одлично, но избраниците на Марјан Илиевски вечерва беа далеку под посакуваното ниво, во првите три четвртини шутирајќи 1/16 за три поени.
Првата четвртина мина во израмнета битка, за Гостивар со четирите поени на Зекири во финишот да обезбеди предност од 13-16. Дефанзивата поставена од Србиновски функционираше одлично, домашните кошаркарите беа далеку од посакуваниот шутерски ритам, но Блокотехна сепак не дозволуваше гостинот да се одлепи. На одмор се замина со водство на гостите од 30-37, за гостиварци клучниот удар да го зададат во последните десет минути, кога заиграа одлично и во нападот, заслужено триумфирајќи со конечни 68-84.
Фустингер беше најдобар стрелец на натпреварот со 25 поени, Александар Костоски, кој одигра одлично второ полувреме, реализираше 16 поени, а Тасовски го заврши мечот со 11 поени за Гостивар. Кај Блокотехна најефикасни беа Гаидус со 23 и Мијатовиќ со 15 поени, а домаќините го завршија мечот со три погодени тројки од 25 обиди, наспроти 9/33 на победничката екипа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА