Кеи Нишикори со победа го почна настапот на АТП финалето во Лондон. Забележа голем триумф против фаворитот во групата, Роџер Федерер, со 2-0 во сетови. За Јапонецот ова е само трета победа во десеттиот дуел со швајцарскиот тенисер.
Иако заостануваше еден брејк во вториот сет, Нишикори се врати и направи комплетен пресврт и за големиот успех го доби сетот со убедливи 6-3 користејќи ја втората од трите меч топки.
Претходно воведниот сет беше многу понеизвесен, а Јапонецот го доби по тај-брејкот, кој му припадна со 7-4.
Федерер првата победа на завршниот Мастерс во годината ќе ја брка во вторник во мечот со Кевин Андерсон кој запиша стартна победа во дуелот со Доминик Тим.
На третиот тенисер во светот ќе му требаат две победи до крајот од групниот сегмент за место во полуфиналето. Федерер 16. пат е во завршницата од сезоната, има три титули, а само еднаш досега не бил полуфиналист.
Кеи Нишикори во Лондон дојде како замена за повредениот Рафаел Надал. Во преходните настапи има два полуфинални пласмани.
Дуелите од првото коло во втората конкуренција во која носител е Новак Ѓоковиќ се закажани за утре. Српскиот тенисер игра против Џон Иснер, а се среќаваат и Марин Чилиќ и Александар Зверев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА