Полно во „Јане Сандански“, празно во „Борис Трајковски“, семафорот и ваму и таму во минус
1.Пиво, „прсти“ и прелив „чави“
Како во добрите стари времиња, деновиве во Скопје за ракомет се бараше билет повеќе. Ама само на едната стана на градот.
Два натпревари од Лигата на шампионите, една „до кров“ полна, друга „до под“ празна сала. И два порази за нашите. Контра оној претходен викенд за мерак кога имавме „два од два“ во ЛШ.
Металург со Спортинг помина помалку и очекувано, според она – желбите велат едно, можностите носат друго. А, и три натпревари за пет дена се многу и за Рајн Некар Левен, а не па, за младиот Металург.
Но, големото дерби на Вардар со Барселона беше веќе нешто друго. Барселона ја чекаа со недели и оние што сакаат ракомет и оние што за „милион долари“ нема да препознаат кој е Калараш, а кој Кисељев. Секоја чест на исклучоците, ама како и секогаш кога гостува некој од „ѕвездените“, на трибините побројни се позерите.
И се беше фино и подготвено за фешта. Вардар непоразен на домашен терен со фантастичен старт во сезоната и со освежени спомени од лани кога падна Барса во „Јане“. Салата полна, фан зоната опремена, менито објавено, пивото наточено, „пилешките прсти“ тазе печени… Се по европски, како што треба.
Само, Чави Пасквал го расипа „преливот“.
Ама барем Скопје ја виде Барса.
2.Лош ден или „тоа е тоа“?
Во оној спортскиот дел на големото дерби или мечот на неделата во ЛШ, се виде дека новата Барселона е поподготвена и на повеќе позиции подобро покриена од новиот Вардар. И македонскиот и шпанскиот тим имаат значителни промени во составите во однос на лани, некаде принудни, некаде „системски“. Во Барса тоа изгледа „страва“, во Вардар добро, ама во перспектива – неизвесно.
Вардарци со извонредниот старт и четирите победи по ред до поразот со Кјелце покажаа дека извлекле максимум од тоа што го имаа на располагање. Но, за вистинско чудо во големото друштво, дефинитивно, треба поголем ростер и помалку грешки.
Во претходните дуели, вардарци знаеја и по лошо прво полувреме „да нагазат“ во второ, да повлече некој – Скубе, Карачиќ, Дибиров…Милосављев, и да го решат мечот. Овој пат тоа го немаше. Или Барса не дозволи, слично како Кјелце пред еден месец.
Дали беше лош ден или „тоа е тоа“, ќе биде многу појасно во новата пресметка во сабота во „Блауграна“.
3.Јошко го разбуди Пелистер
Со исклучок на „скопскиот транс“ по Барселона, на домашна сцена главниот „настан“ деновиве е во Битола.
Иако по логика на нештата, помладите треба да ја „зграбат“ шансата, сепак, во Пелистер работите ги сврте на подобро „стариот лисец“ Јошко Петковиќ. Со сите засилувања и промашувања на стартот од сезоната, битолскиот миленик под водство на Петковиќ успеа да се стабилизира и да врзе убава серија без пораз.
И го врати Дрогришки од градскиот ривал.
Во „битолски трансфер“ на годината, Стефан Дрогришки се збогува со богатиот Еурофарм и се врати дома во Пелистер. Спогодбената разделба со „фармацевтите“ помина во „фер и коректна“ атмосфера. Но, зад сцената, трансферот на „Дрогата“ пак ја размрда јавноста со проценките за „преценети“ и „потценети“, „преплатени“ и незадоволни.
Битолски муабети…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА