Работнички ја продолжи серијата победи на дуелите против МЗТ Скопје откако по ланските 3-0 во финалето од плејофот „центарци“ денеска како гости во Аеродром славеа со 88-90. И со само еден странец во тимот и без повредениот Чековски, тимот на Марин Докузовски стигна до неверојатна победа, пред се благодарение на извонредниот Јанески и неговите 30 поени и шест постигнати тројки без ниту едно промашување.
Дербито стартуваше со атрактивно забивање на Маслинко, за веднаш потоа Работнички да ја преземе контролата. Гостите лесно наоѓаа решение за одбраната на „металците“, набрзина поведоа со 3-9, а потоа со двете тројки на Чавдар Костов „центарци“ стигнаа и до првото двоцифрено водство (7-17). „Црвено-белите“ имаа и 10-20, но МЗТ потоа се врати и првата четвртина заврши со предност на гостинскиот тим од само два поени разлика (21-23). Вторите десет минути минаа во израмнета игра во која гостите имаа водство, а МЗТ не дозволуваше разликата позначително да се зголеми, па на одмор се ззамина со резултат 44-48.
Мираковски со прецизен удар од далечина ја отвори серијата тројки на двете страни. Во преден план беше Марјан Јанески, кој до крајот на третата четвртина умешно го торпедираше кошот на МЗТ (4/4 за три поени). Кочов беше принуден да побара тајмаут при негатива од 59-67 на 100 секунди до крајот на четвртината, по што „металците“ заиграа многу подобро во нападот, тројка погоди Дамјан Стојановски, потоа прецизен од положување беше и Медфорд, пред Симоновски со тројка со звукот на сирената да намали на минимални 67-68 во пресрет на последната четвртина.
Јанески го продолжи своето шоу и во овој дел од мечот, набрзина погодувајќи нови две тројки, но и „металците“ предводени од Симоновски имаа свои оружја во нападот. Капитенот Стојаноски погоди уште една тројка за водство од 79-77. Одличната игра во нападот на двете страни продолжи, па на 150 секунди до крајот резултатот беше израмнет на 84-84, пред Костов одлично да финтира и да изнуди петта лична грешка на Медфорд, со три слободни фрлања.
Бугарскиот интернационалец погоди два „пенали“, Кочов побара тајмаут, за веднаш потоа МЗТ лесно да реализира преку Бојиќ на асистенција на Дамјан Стојановски. И кога беше најважно одговорноста ја презеде Мираковски, погодувајќи тројка преку Бојиќ за водство на Работнички од 86-89, на помалку од една минута до крајот. Магдевски промаши отворен шут за израмнување, по што Работнички потроши 24 секунди без да упати удар. Кочов побара тајмаут при негатива од 86-89 на 15 секунди до крајот. Симоновски овојпат не беше прецизен, а Дамјан Стојановски по офанзивниот скок и прекршокот над него ги погоди двете слободни фрлања, второто случајно откако во обид да промаши со помош на таблата заврши низ обрачот. Мираковски погоди само еднаш во своите два обиди, за Симоновски да ја промаши последната тројка од сопствената половина, за конечни 88-90 на ова суперинтересно дерби.
Јанески го одигра својот најдобар меч во дресот на Работнички реализирајќи 30 поени (6/6 за тројка), Костов имаше 20 поени и девет скокови, додека Мираковски го заврши дербито со 12 поени. Кај МЗТ Скопје најефикасни беа Бојиќ со 21, Стојановски постигна 14, а Симоновски и Вудард по 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА