Машката ракометна репрезентација на Македонија во подготовките пред настапот на Светското првенство во Германија и во Данска во јануари, ќе одигра два контролни натпревари.
Според информациите од стручниот штаб, начелно е договорено последната проверка на македонската репрентација да биде со селекцијата на Србија, и натпреварите да се играат во Скопје или во Ниш на почетокот на јануари.
Селекторот Раул Гонзалес во подготовките преферира повеќе тренинзи, помалку контролни натпревари и според таа практика овие два меча ќе бидат единствената проверка за репрезентативците пред настапот на СП.
Собирот на репрезентацијата вообичаено ќе биде околу 20 декември, а во комплетен состав почнуваат со работа од 24 декември, по завршувањето на клупските настапи на сите интернационалци.
Светското првенство на кое домаќини ќе бидат Германија и Данска, стартува на 10 јануари. Во првата фаза од шампионатот, Македонија ќе игра во Минхен, во групата со Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и со Бахреин. Првиот натпревар на СП 2019, македонските ракометари го играат на 11 јануари против Јапонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА