Во очекувањето на најавените собранија на ФФМ кои треба да го одредат новиот предводник на македонскиот фудбал, актуелниот в.д претседател на ФФМ, Мухамед Сејдини околу активностите на федерацијата следниот период најавува продолжување на инвестицијата во фудбалски игралишта како една од главните цели, но и натамошни инвестиции во младинските категории.
„Ќе продолжиме да се бориме и за подобра инфраструктура, и за квалитетно и сериозно финансирање на фудбалот и против сите непосакувани облици на однесување во фудбалот. Јас сум сигурен дека бројни организации би сакале да бидат во позиција на ФФМ, но за тој статус сами се изборивме, повторно благодарение на целото фудбалско семејство и нашата поддршка и пријателските односи со најголемите афторитети во УЕФА и ФИФА. Доколку сакаме успеси, мора да постои единство, токму како во фудбалска екипа. Тоа го посакувам и сега, да работиме заеднички за напредок на македонскиот фудбал и за развој на клубовите“ – вели Сејдини во интервјуто за официјалната интернет страница на ФФМ.
Сејдини нагласува дека ФФМ мора да добие и поголема поддршка од општините….
„Имаме одговорност и можност, но и привилегија да управуваме со фудбалот во Македонија од сите негови аспекти. Но, за нас веројатно најбитен елемент е да ја подобриме фудбалската инфраструктура во нашата држава, да го продолжиме континуитетот на добра работа во младинските категории и академијата на ФФМ, а би биле исклучително среќни доколку А репрезентацијата обезбеди место на големо натпреварување. Како фудбалско тело ние помагаме речиси во сите средини во Македонија, финансираме или сме дел од сите поголеми фудбалски проекти, но прашањето за инфраструктура не треба целосно да биде упатено кон нас, ФФМ не е градежна фирма, добиваме дел од средствата од УЕФА и ФИФА, но вложуваме и свои средства во фудбалската инфраструктура. Апсолутно во тој дел е потребна поголема поддршка и помош од општините. Мора да разбереме дека инвестицијата во фудбалски игралишта е добра инвестиција. За мене, или за ФФМ е значајно низ нашата држава од Гевгелија и Струмица, Штип и Кочани преку Битола и Охрид, Кичево и Гостивар, до Тетово и Скопје да има стотици терени, природни или со вештачка трева и рефлектори бидејќи само на тој начин ќе имаме можност да играме важна улога во квалификациите, сеедно дали се во рамки на младински или сениорски репрезентации“.
Македонската репрезентација е пред добра можност за пласман и на Европско првенство преку Лигата на нациите…
„Ние сме горди на нашите фудбалери и стручниот штаб во А репрезентацијата. Немаме замерки, први сме во групата, имаме одлични фудбалери и сами одлучуваме за себе. Сигурен сум дека ќе успееме да го потврдиме првото место. Но, сакам да им порачам и на фудбалерите и на навивачите да останеме скромни и смирени. Да одиме од натпревар во натпревар. Посакувам да ја задржиме позитивната енергија и да бидеме уште подобри“.
Последните два натпревари на домашен терен некако најавуваат и враќање на публиката на трибините и покрај тоа што на спротивната страна немаше атрактивни противници. Но, на трибините повеќе од 10.000 гледачи, што ретко се случувало последните години…
„Со добрите настапи сигурно ќе се врати и публиката на трибините. Неопходна ни е силна поддршка, и голем број навивачи од сите генерации. Посакуваме фудбалот сите да не обедини. Да ја надминеме омразата, поделеноста, национализмот. Фудбалот е спорт кој носи радост, и така нека биде во иднина“ – вели Сејдини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА