Жешко дерби: Тепачка, сини картони и триумф на Охрид над Пелистер

Охрид ја запре победничката серија на Јошко Петковиќ како тренер на Пелистер откако во дерби-дуелот од деветтото суперлигашко коло охриѓани го совладаа битолскиот ривал со резултат 25-22. Мечот го одбележа голема борба, но и сериозен инцидент на самиот крај од првото полувреме, кога дојде и до тепачка меѓу играчите на двата тима, по што судиите имаа полни раце работа. На крајот, беа покажани сини картони на Георгиевски и Димитријески од Охрид, како и на Рајичиќ и Димитровски од таборот на гостите, ракометари кои речиси сигурно ќе добијат и дополнителни суспензии поради овој инцидент.

„Пелистерци“ имаат за што да жалат, со оглед на фактот дека на почетокот од второто полувреме одиграа одлично и поведоа со 15-20. Сепак, падот во клучните моменти беше огромен, Пелистер во последните 15 минути постигна само два гола, а мотивираните домашни играчи дури и без помошта на Георгиевски и на Димитријески направија целосен пресврт и стигнаа до победата.

Тасески со пет и Соколов со четири гола беа најефикасни во таборот на Охрид, Кобетиќ постигна шест гола за Пелистер против својот поранешен клуб, но и тоа беше недоволно за битолчани да ја продолжат победничката серија.

Се вчитува...