Охрид во драматичен натпревар го победи Пелистер (25-22) во дерби-дуелот од деветтото коло во Супер-лигата, а Горан Андоновски успеа да ја прекине победничката серија на својот поранешен тренер, Јошко Петковиќ, сега колега на противничката клупа.
„Јошко ми беше тренер во Јафа Промет. Сега сме во една друга позиција и се бориме меѓусебе…“ – вели Горан Андоновски, задоволен по вчерашниот триумф во суперлигашката пресметка со Пелистер.
Охриѓани успеаја да направат пресврт во вториот дел и да дојдат до посакуваниот триумф. Андоновски истакнува дека тоа се должи на добрата игра во одбраната и максималната пожртвуваност на играчите.
„Одигравме еден тежок натпревар, во второто полувреме игравме со мал ростер, по исклучувањето на Георгиевски и на Димитријевски. Останавме без двајца клучни играчи од првото полувреме, но дадовме максимум. Играчите одиграа феноменално во одбраната, направивме серија од 11-2 во вториот дел и победивме. Имаше немили сцени, но и покрај зовриената атмосфера за среќа немаше некој посериозен инцидент“.
Она што му даде посебен белег на овој дуел е и фактот дека Охрид го победи Пелистер практично со неговите играчи кои летово беа „вишок“ во битолскиот тим.
„Охрид го биеше глас дека играл со многу странци до лани, но факт е дека ние имавме пет странски играчи, тоа беше оној процес додека се етаблира клубот, да заживее ракометот и да ги привлечеме младите да тренираат. Сега веќе полека ги вклучуваме нашите млади играчи во првата екипа. Пелистер ги исфрли двајцата голмани, ни е ги прифативме. И ако јас се прашувам на Мартин Јовановски, ако сака да остане веднаш ќе му дадам да потпише договор и за следната година. Пелистер донесе 8-9 странци и ги исфрли домашните играчи. Ние летово бевме во тешка ситуација во клубот, ги зедовме кај нас и ги вклопивме во екипата и многу ми е мило сите тие го покажаа својот квалитет. Дарко Георгиевски игра одлична сезона, тој е млад играч што може да пружи многу и според мене, е најдобар лев бек во лигата. Се надевам тоа ќе го видат и во стручниот штаб на репрезентацијата“ – истакнува Андоновски.
Охридскиот супелигаш сезонава на домашен погон, бележи добри резултати. Целта е да се обезбеди пласман во суперлигашкиот плеј-оф, а следна пречка дуелот со Пролет.
“ Не очекува тежок натпревар со Пролет, бидејќи на овој дуел може да играме без Георгиевски и без Димитријевски ако бидат дополнително санкционирани. Пролет е тим што го почитуваме, има квалитет и континуитет. Но, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме, ќе дадеме се од себе бидејќи нашата публика го заслужува тоа. Со ваква поддршка и со ваква публика ќе биде жално да не се пласираме во плеј-офот“ – вели Андоновски.
По првите девет кола во Супер лигата, Охрид е на третата позиција на табелата со 21 бод колку што има и вторпласираниот Бутел и со шест бода помалку од водечкиот Еурофарм Работник.
фото: Ohridnews
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА