Лев: Милер е во криза, но тој се уште е клучен играч за Германија

Германскиот селектор Јоаким Лев јавно му искажа доверба на Томас Милер, истакнувајќи дека очекува асот на Баерн Минхен да ги надмине проблемите и да се врати во посакуваната форма. Милер одигра очајно за време на СП 2018 во Русија, а потоа продолжи во ист ритам и на натпреварите на Баерн на стартот од новата сезона. Тој веќе не е ниту стандарден првотимец кај Нико Ковач, но Лев е убеден дека Милер е доволно квалитетен за да ја преброди оваа криза.

„Не е тајна дека Томас Милер минува низ тешка фаза, но тоа не го менува ниту фактот дека станува збор за исклучителен фудбалер. Навистина, Томас се нема истакнато ниту за Германија ниту за Баерн Минхен, но тој е играч што е пример за помладите, воедно и секогаш извлекува дополнителна енергија од целиот тим. Се уште ги поседува квалитетите со еден потег да реши натпревар, го гледав дербито со Борусија и тој одигра добар меч, искрено верувам дека наскоро ќе се врати во својата препознатлива форма. Јас се уште на него гледам како на клучен играч во оваа репрезентација“ – истакна Лев.

Германија денеска ќе игра пријателски натпревар против селекцијата на Русија, по што во последното коло од Лигата на Нации ќе се сретне со Холандија.

Се вчитува...