Не е важно против кого играме, туку за што играме!

ЕКИПА во Вадуц, Лихтенштајн

Владимир Булатовиќ

Апсолутно не е важно против кого играме, туку за што играме – ќе рече селекторот Игор Ангеловски во пресрет на денешниот петти натпревар на Македонија во Лигата на нациите од 20:45 часот на „Рајнпарк“ стадионот во Вадуц против Лихтенштајн. И, апсолутно е во право! Затоа што Македонија сега веќе игра за добивка која ретко се укажува како можност – пласман на Европско првенство! Без разлика кои и какви се противниците пред нас!

Јасно е дека почетното скалило е освојување на првото место во групата од лигата Д на Лигата на нации, но сето тоа само како транзит до крајната цел и ние да го видиме собирот на најдобрите на Стариот континент! Затоа е и желбата со две победи да ја завршиме групната фаза, со што низ далеку полесни околности во плејофот македонските репрезентативци би ја финиширале реализацијата на конечната амбиција!

Без разлика на оној пораз од Ерменија во Ереван, очигледно е дека атмосферата меѓу репрезентативците и овде во Вадуц е на повеќе од завидно ниво. Оптимизмот и самодовербата не се ниту за грам помалку од оној дуел во Ереван, што јасно наведува дека и мотивот за три бода од мечот со Лихтенштајн е оптимален…

„Нема што да размислуваме или калкулираме. Повторно ќе бидеме со најдобриот состав на терен, од тие што ги имаме на располагање. Силно верувам во овие момци како и секогаш претходно. Верувам дека нема да дозволат ништо помалку освен триумф на дуелот во Лихтенштајн“ – вели селекторот Игор Ангеловски.

За пресметката со добро познатиот противник, со кого досега имаме осум меѓусебни натпревари од кои седум победи и само едно реми, Ангеловски нема да може да смета на Елиф Елмас и Езгјан Алиоски кои мора да паузираат поради суспензии, како и на повредениот Стефан Ристовски. Но, тоа воопшто не треба да претставува некако дополнителен проблем со оглед на соодветните замени кои се веќе кооптирани. Најголемите проблеми за стручниот штаб се чини се околу склопувањето на одбранбените редови. Но, против Лихтенштајн очекувањата и на целокупната македонска фудбалска јавност се малку да се осврнуваме на одбраната. Овој натпревар треба да го реши нападот!

ЛИГА Д – (5. коло, денеска 20:45 ч.)

Вадуц: Лихтенштајн – МАКЕДОНИЈА

Гибралтар: Гибралтар – Ерменија

ТАБЕЛА: МАКЕДОНИЈА 9 бода, Ерменија 6, Гибралтар 6, Лихтенштајн 3 бода

Се вчитува...