Барса го преживеа трилерот во Каунас

Барселона ја забележа и петтата победа во низа во Евролигата, откако вечерва славеше на гостувањето против ланското најпријатно изненадување, Жалгирис, со 85-88 по продолжение од пет минути. Каталонскиот гигант имаше „плус десет“ на помалку од пет минути до крајот, но со неколку почетнички грешки им дозволи на домаќините да се вратат. Жалгирис имаше и напад за победа што не го реализираше, за потоа во дополнителните пет минути Пешиќ да го уфрли во игра Пангос, кој со осум поени до крајот на мечот го реши победникот.

Кајл Курич беше најефикасен кај Барселона со 15 поени, еден помалку постигна Анте Томиќ, додека најдобри поединци кај Жалгирис беа Вајт со 21 и Волтерс со 19 постигнати поени.

Анадолу Ефес неочекувано лесно и убедливо го декласираше тимот на Панатинаикос со 78-62. Клучната разлика беше направена во првото полувреме што Ефес го доби со 44-28, по што избраниците на тренерот Атаман рутински ја одржаа оваа позитива до самиот крај. Плејмејкерот Бобуа имаше извонреден натпревар со 19 поени во нападот и дури четири блокади во одбраната, а Моерман учествуваше со 17 поени во овој триумф на турскиот претставник.

ЦСКА Москва рутински како гостин прокнижи бодови на гостувањето против Баерн Минхен, славејќи со убедливи 79-93. Кори Хигинс беше предводник на рускиот гигант со 18 поени, Петерс постигна 13, а Родригез 12 за тимот на тренерот Итудис.

Се вчитува...