Ракометарите на Пролет продолжуваат со одличните игри и резултати во Супер-лигата, откако вечерва триумфираа на гостувањето против Охрид со 23-25, шеста победа во низа за тимот на тренерот Матлиески. Охриѓани повторно зад себе ја имаа верната публика, но во отсуство на суспендираните Георгиевски и Димитријески домашните ракометари немаа сили да го издржат темпото до самиот крај, потклекнаа во последните минути и претрпеа пораз од директниот ривал за место во плејофот.
Охрид беше тимот што го контролираше темпото во првото полувреме, во кое гостите само еднаш имаа предност (8-9). На крајот на полувремето охриѓани имаа предност од 15-13, но со два брзи гола на стартот од второто полувреме гостите од Скопје израмнија. Одбраната беше во преден план во второто полувреме, се потешко се стигнуваше до ситуација за гол, но Пролет и при таква игра подобро се снајде, поведувајќи со 18-21 откако гостите максимално искористија две минути со играч повеќе на теренот. Охрид не се предаде, направи пресврт и поведе со 23-22, но домашните ракометари во последните четири минути не постигнаа ниту еден гол, па на крајот капитулираа пред максимално мотивираниот гостински состав.
Манасков беше главен играч на победничкиот тим со осум гола, по пет постигнаа Филип Василевски и Мајнов, а одличен беше и голманот Кимевски. Крсте Андоноски со седум гола беше прв стрелец на Охрид при денешниот пораз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА