Обезбедено домаќинство во плеј-офот на Лига Д: Белорусија или Косово, сега ги чекаме!

Согласно очекувањата и посакувањата македонската репрезентација со убедливата победа од 4-0 против Гибралтар го освои првото место во Групата 4 од лигата Д на Лигата на нациите.

На тој начин, по одиграните натпревари од трите групи во Лига Д, веќе е јасно дека Македонија (со 15 бода, Грузија е прва со 16 освоени бода во Групата 1) како втора најдобра од првопласираните четири селекции ќе биде домаќин во полуфиналето од плеј-оф разигрувањето за пласман на Европското првенство 2020. И ќе игра со третата најдобра од првопласираните селекции во четирите групи. Првата ќе игра со четвртата!

Противник на Македонија во полуфиналето ќе биде третата, според резултатите од групната фаза, селекција од четирите групи. Засега тоа е Белорусија која заврши како првопласирана во Групата 2 со 14 бода.

Но, се чека утрешната разврска и во Групата 3 каде пред последното коло во водство е Косово со 11 бода. Доколку Косово утре триумфира против Азербејџан тогаш, согласно подобрата гол-разлика, ќе биде подобропласирана репрезентација од Белорусија, и како трета најдобра од четирите првопласирани во полуфиналето ќе гостува во Скопје. Во случај на нерешено, Косово ќе заврши како прва но ќе игра во полуфиналето против Грузија. Ако Азербејџан победа тогаш ќе го освои првото место во Групата 3 и во полуфиналето од плеј-офот за пласман на ЕП ќе игра против Грузија.

Плеј-оф разигрувањето (полуфинале и финале) за пласман на ЕП 2020 ќе се игра, според календарот на УЕФА, во март 2020 година.

 

Се вчитува...