„Ел Мундо Депортиво“: Рабио ја избра Барселона

Барселона е клубот каде Адриен Рабио ќе ја продолжи својата кариера откако 23-годишниот фудбалер на ПСЖ ги договорил сите детали за соработката со актуелниот првак на Шпанија. Оваа информација утрово прв ја објави каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“ тврдејќи дека одлуката е донесена, но трансферот нема да биде обелоденет до почетокот на 2019 година бидејќи согласно правилата, слободните играчи можат да потпишуваат пред-договори со други клубови најмногу шест месеци пред истекот на нивните актуелни валидни договори.

Рабио веќе одби неколку понуди за продолжување на договорот со ПСЖ и јасно стави до знаење дека сака да си замине од „Паркот на принцовите“ како слободен играч, по истекот на неговиот договор со францускиот шампион. Понуди за суперталентираниот играч за врска во изминатиот период испратија и Арсенал, Манчестер сити, Ливерпул, Јувентус, Интер и Баерн Минхен, но тој за своја следна дестинација ја избра Барселона.

Францускиот фудбалер и неговата мајка (која воедно е и агент на Рабио) во изминатиот период неколку пати разговарале со директорот на Барселона, Ерик Абидал, при што се договорени условите за петгодишна соработка. Финансиските детали околу висината на платата засега се држат во тајност, а најавено е и дека тој ќе добие бонус во висина од околу 10 милиони евра при самиот потпис на договорот со каталонскиот гигант.

Се вчитува...