Борусија не чека, веднаш го откупи Алкасер од Барса

Девет постигнати гола на осум натпревари на стартот на германската авантура беа сосема доволни за Пако Алкасер да ги убеди челниците на Борусија Дортмунд дека не згрешиле кога пред крајот на преодниот рок го доведоа од Барселона. Шпанецот се покажа како извонредно засилување за германскиот фудбалски гигант, па не е никакво изненадување што „милионерите“ решија час поскоро да ги разрешат сите дилеми околу неговата иднина, откупувајќи го целосно договорот со Барселона.

Алкасер пристигна на едногодишна позајмица, но во договорот има клаузула што овозможува Борусија да го откупи неговиот договор за сума од 27 милиони евра (23 милиони при активацијата, и уште дополнителни четири милиони преку неколку  клаузули). Во ера на европскиот фудбал кога цените вртоглаво растат ова делува како „багатела“ за врвен напаѓач, па „милионерите“ решија само три месеци по позајмицата да ја активираат клаузулата, за Алкасер и дефинитивно долгорочно да остане во Дортмунд.

Алкасер во последниот месец се мачеше и со незгодна повреда, но нема дилеми дека штом биде 100% „фит“ тој ќе биде еден од главните адути на тренерот Фавр во битката за задржување на првото место на табелата во Бундес-лигата.

Се вчитува...