Голем удар за ПСЖ: Нејмар се повреди пред „дербито“ со Ливерпул

Повредата што Нејмар ја заработи на почетокот од денешниот натпревар меѓу Бразил и Камерун создава огромни главоболки во таборот на ПСЖ, со оглед на сериозната опасност најдобриот фудбалер на „светците“ да го пропушти клучниот натпревар од Лигата на шампионите против Ливерпул што ќе се игра за осум дена на „Паркот на принцовите“.

Нејмар беше стартер на вечерашниот дуел на „кариоките“, но само десетина минути по влегувањето во игра при една акција на противничката половина се здоби со повреда. Не стануваше збор за дуел игра или удар, па првичните информации говорат дека станува збор за кинење на мускулни влакна на ногата. Бразилската мегаѕвезда веднаш беше повлечена од игра, а на местото на Нејмар влезе Ричарлисон.

ПСЖ мора да оди на победа на наредниот меч со Ливерпул ако сака да си ги зголеми шансите за влез во осминафиналето од Лигата на шампионите, а евентуален пораз на домашен терен на „светците“ би значел и губење на сите шанси за следната рунда, доколку Наполи на домашен терен слави над Црвена звезда во оваа група.

„Светците“ и лани останаа без Нејмар во клучниот дел од сезоната во ЛШ, кога тој се повреди во француското првенство, а без негова помош ПСЖ загуби дома на реваншот со Реал Мадрид и беше елиминиран од елитното европско натпреварување.

Се вчитува...