Пелистер му го зеде првиот бод на Еурофарм Работник сезонава одигрувајќи нерешено 24-24 во драматичното битолско дерби. Џокер на Јошко Петковиќ во финишот на мечот беше Стефан Дрогришки кој со три гола во финишот му пресуди на својот поранешен тим. А, Еурофарм Работник од пораз во последните секунди го спаси Филип Кузмановски.
По деветте побед во серија ова е прво реми и прв загубен бод за Еурофарм Работник кој и понатаму останува на лидерската позиција на табелата. Пелистер има шест победи едно реми и три порази и фака приклучок во горниот дел на табелата.
Со двата погодоци на Гоце Ојлески, Еурофарм Работник го имаше почетното водство и ја презеде иницијативата на стартот. Но, „пелистерци“ држеа чекор и успеваа да одолеат на притисокот на „домаќините“.
На средината од полувремето Филип Кузмановски погоди за 6-3 и прв пат го однесе Еурофарм Работник на +3. Оваа предност „фармацевтите“ ја имаа и на осум минути пред крај на првиот дел кога Емир Граѓан зголеми на 9-6. Сепак, ни тоа не го скрши отпорот на Пелистер кој успеа да постигне три гола и да го заврши првиот дел со минимална негатива (10-9).
Офанзивата на избраниците на Јошко Петковиќ продолжи и на стартот на второто полувреме кога со серија од 3-0 успеаја да го преземат водството на 11-12. Улогите на терен се сменија, па во третата четвртина пелистерци ја имаа инцијативата, а Еурофарм Работник бркаше резултат.
Кузмановски ја презеде одговорноста во нападот и со четвртиот погодок ги врати „фармацевтите“ одново во позитива со 17-16, а ефикасната серија ја продолжи и Милан Џукиќ и ја зголеми предноста на стартот од последната четвртина.
Искуството и мирната рака на Реваз Чантурија беа драгоцени за Пелистер во моментите кога „гостите“ тешко доаѓаа до реализација. За ново изедначување и нова неизвесност во финишот се погрижи Васко Димитровски со погодокот за 18-18, а ново водство на Пелистер му донесе Борјан Маџовски со четвртиот погодок за 19-20 на десет минути пред крај. Првиот погодок на Стефан Дрогришки против својот поранешен тим го задржа Пелистер во водство (20-21).
Во завршните пет минути од натпреварот се играше гол за гол, а неизвесноста достигна кулминација во финишот на битолското дерби. Дрогришки беше џокерот на Петковиќ и играчот што го држеше Пелистер во минимална предност (23-24).
На неполни две минути до крај Ѓорѓе Чирковиќ побара тајм-аут, а во истекот на последната минута Кузмановски беше прецизен од седмерец и го спаси Еурофарм Работник од пораз поставувајќи ги конечните 24-24.
Кузмановски и Џукиќ постигнаа по шест гола за Еурофарм Работник. Кај Пелистер прв стрелец беше Милан Поповиќ со пет гола, а по три погодоци запишаа Чантурија, Димитровски и Дрогришки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА