Серхио Родригез беше во главна улога во трилер-натпреварот меѓу ЦСКА Москва и Жалгирис што рускиот првак по огромна битка ја доби со 99-97. Литванскиот тим беше на добар пат да го нанесе првиот пораз на ЦСКА откако на една минута пред крајот поведе со шест поени разлика 78-84, но Родригез најпрвин постигна две тројки за помалку од 15 секунди, а потоа погоди и за два поени, носејќи го мечот во продолжение. Шпанскиот плејмејкер потоа погоди уште една тројка на една минута пред крајот на продолжението, по што Клибурн од линијата за слободни фрлања ја донесе победата на ЦСКА.
Серхио Родригез со 24 поени беше прв стрелец на рускиот кошаркарски џин, еден поен помалку постигна Хигинс, додека Кавалиаускас беше прв играч на Жалгирис на гостувањето во Москва, реализирајќи 19 поени.
Химки ја прекина серијата слаби резултати со убедлива победа на домашен терен над Будуќност од 85-69. Гостите немаа сили да ја повторат извонредната партија од минатото коло со Басконија, па поразот во Русија беше неизбежен за избраниците на тренерот Џикиќ. Клучна беше втората четвртина што Химки ја доби со 27-13, на одмор заминувајќи со „плус петнаесет“ и потоа лесно контролирајќи го резултатот до самиот крај.
Швед беше главна фигура и на оваа средба со 22 поени и 7 асистенции, Мики додаде 17 поени за Химки, а прв стрелец на Будуќност при вечерашниот пораз беше Ерл Кларк со 19 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА