МЗТ Скопје го претрпе и третиот пораз во АБА2 лигата, севкупно петти за „металците“ во оваа натпреварувачка сезона во која „сино-белите“ влегоа со силни амбиции (враќање на титулата и камбек во АБА1), но барем засега не покажуваат квалитет и пред се карактер за такво нешто. На четирите гостувања се претрпени три порази, но суштинскиот проблем не е дали играш дома или во гости, туку дали и колку можеш да одиграш одбрана… што во случајот на МЗТ е многу, многу сериозен недостаток.
АБА2 не е „селска лига“, секој тим знае да одигра на високо ниво, особено на домашен терен, и доколку не покажеш карактер со цврста и агресивна одбрана – казната стигнува експресно. Тоа беше случај синоќа, кога македонскиот претставник прими 64 поени во првото полувреме и го заврши натпреварот со Рогашка со 102 примени поени. Пред околу еден месец МЗТ му гостуваше на Зрињски, тогаш „фенерџија“ на табелата, примајќи 93 поени (51 во првото полувреме).
Не е само во поразите, проблемот беше очигледен и претходно, додека МЗТ Скопје победуваше во регионалното натпреварување. Ловќен „падна“ во Аеродром, но притоа постигна 90 поени, Сплит броеше до 87, во тие моменти победите ги затскрија маните, но јасно е дека недостатоците се многу поочигледни кога се игра надвор од својата сала. И не е само до АБА2, да не заборавиме дека МЗТ го загуби вечното дерби од Работнички примајќи 90 коша среде Аеродром, а границата од 80 поени во македонското првенство ја надминаа и Охрид, Гостивар и Блокотехна.
И не е доволно само по натпреварот да се посочи каде „лежи зајакот“, зошто се загубил натпреварот, туку треба сериозно да се пристапи кон решавање на недостатоците. Тоа МЗТ не го прави, или барем не го прави како што треба, бидејќи просек на примени кошеви расте како што одминува времето, а не треба да е така бидејќи како што оваа група играчи минува се повеќе време заедно, треба да расте и тимскиот дух, карактерот и пред се колективната одбрана.
Минатата сезона тогашниот тренер Александар Тодоров ја почна со девизата „важно ми е да постигнуваме повеќе поени од противникот, а одбраната ќе дојде на свое кога ќе биде најважното“. Се сеќавате, Тодоров не го дочека „најважното“ бидејќи си замина по неколкуте неуспеси во АБА1, со многу посериозни ривали од Приморска и Рогашка, и порази на домашната сцена од Блокотехна и Работнички. Звучи познато, зарем не?
Ѓорѓи Кочов лани дојде среде сезона на „жешкото столче“, но летово имаше слобода во изборот на играчи, подготовки и подготвување на тактиката. Победите дома во АБА2 на овој тим со четири странци и голем број репрезентативци никако не можат да бидат доволна причина за задоволство, кога се знае дека овој тим на МЗТ поседува многу поголем потенцијал. За почеток, треба да почне да игра одбрана, што побрзо… за да не почнат да се повторуваат и долгогодишните трендови во аеродромскиот клуб, на бројни смени на тренери и странци, и уште една сезона да мине во неповрат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА