Брестовац: Потпишувам да загубиме се, само Серафимов и Јагуриновски да станат врвни играчи

Македонскиот ракометен вицпервак, Металург не успеа победнички да се збогува од домашнaта публика во настапите од Лигата на шампионите. Загуби од фаворитот во групата Силкеборг во првиот натпревар од сезоната без повредениот капитен, Мартин Велковски.

„Знаевме колку е квалитетен Силкеборг и што не очeкува на овој дуел. Мене она што ми пречи е тоа што моите млади играчи си дозволуваат нервоза поради судиски грешки. Нивна задача е да се борат во текот на сите 60 минути. Мора да поработиме на овој детал затоа што кај овие млади играчи не смее да влијае судењето. За мене резултатот во овој момeнт не е пресуден, најважни се аплаузите што ги добивме од публиката“– изјави тренерот на Металург, Данило Брестовац, по поразот од Силкеборг.

Според предводникот на Металург, клубот е на вистински пат во реализирањето на целта, содавање играчи за иднината на македонскиот ракомет.

„Некогаш треба стоички да се издржат ваквите натпревари. Се наоѓаме на вистински пат и знаеме дека ќе добиеме играчи за во иднина. Би потпишал да ги загубам сите натпревари, само Серафимов и Јагуриновски, заедно со Велковски да станат играчи и бидат заедно носители на играта на репрезентацијата како Кирил Лазаров. Јас сум сигурен дека двајцата ќе бидат од голема важност за македонскиот ракомет“  – убеден е Брестовац.

Металург во последното коло од групната фаза во елитното ракометно натпреварување ќе оди на гостување кај Татран Прешов.

Се вчитува...