Милан бара тројца играчи на Челси

Серијата повреди на стандардни првотимци придонесоа Милан да почне потрага за нови засилувања за јануарскиот преоден рок. Ангажманот на Златан Ибрахимовиќ е речиси договорен, а директорот Леонардо планира и шопинг во Лондон, и тоа од Челси, каде тројца фудбалери на „сините“ се наоѓаат на листата со желби на „росонерите“.

Станува збор за Цеск Фабрегас, Гери Кејхил и Андреас Кристенсен, фудбалери за кои Леонардо веќе имал и разговори со својата колешка од англискиот премиерлигаш, Марина Гранковскаја. Поради прекршување на финансискиот ферплеј Милан не е во можност да ги откупи нивните договори и како опција возможна е само позајмица, но и Челси е расположен за преговори бидејќи станува збор за играчи на кои тренерот Сари во секој случај не смета сериозно сезонава.

Во ситуација кога неколку дефанзивци се повредени јасно е зошто на Гатузо му се неопходни нови одбранбени играчи. Кејхил би донел искуство, а Кристенсен енергичност во дефнзивата на „росонерите“, но останува да се види од кој од овие двајца фудбалери Челси попрво би се одрекол, бидејќи неверојатно е да се очекува дека Сари ќе даде зелено светло за заминување на двајцата, па потоа самиот да се соочи со криза при евентуална повреда.

Што се однесува до Фабрегас, Шпанецот има минимална минутажа во Премиер-лигата, а договорот му истекува на крајот од сезонава, па големи се шансите газдата Роман Абрамович да му излезе во пресрет и да даде зелено светло плејмејкерот да си замине од „Стемфорд бриџ“ веќе во јануари.

Се вчитува...