Повеќекратниот светски и европски кик-бокс шампион, Димитар Ѓорѓиев од денеска и официјално запловува и кон тренерските води по синоќешното отворање на новиот свој клуб, КБК Работнички Адора во Скопје.
Еден од најдобрите македонски кик-боксери, покрај одличната натпреварувачка кариера, се одлучи своето знаење да го преточи и кон идна обука и подготовка на млади кик-боксери за што е формиран и КБК Работнички Адора кој ќе работи во комплетно новоопремена сала со идеални услови за тренинг.
На свеченото отворање на клубот, на која меѓу другото беше прославена и европската шампионска титула на Димитар Ѓорѓиев освоена минатиот месец на Европското првенство 2018 во Братислава, присуствуваа бројни лица од светот на спортот во земјава како и негови поддржувачи и спонзори.
Ѓорѓиев на синоќешната церемонија истакна дека неговата силна желба за допринос во развојот на кик-боксот во Македонија е дополнително зацврстена и со отворањето на новиот клуб кој ќе нуди одлични услови за работи и тренинг на сите кои покажуваат желба за кик-бокс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА