Женската ракометна репрезентација на Македонија ги одработува завршните подготовки пред квалификациите за СП 2019 што ќе се одиграат во Скопје, од 30 ноември до 2 декември. Селекторот Симе Симовски на неколку дена пред стартот направи и една принудна измена во составот – во тимот е приклучена Наташа Нолеска на местото на Марија Гајиќ која не може да настапи поради повреда на скочниот зглоб.
„Марија Гајиќ не успеа да ја санира повредата за да може да игра и на нејзино место ја приклучивме Наташа Нолевска.Се работи за стара повреда на скочниот зглоб која сега повторно се влоши и дефинитивно беше проблем секое оптоварување. Друго, се оди според планот, 90 проценти сум задоволен од сработеното, 10 проценти не сум, тоа го решаваме во од. Работиме, анализираме и се подготвуваме за претстојните натпревари. Задоволен сум од ангажманот на ракометарките, има желба и ентуазијазам, но сето тоа треба да го покажеме и на терен“ – вели селекторот Симе Симовски.
Македонските ракометарки ги почнуваат квалификациите на 30 ноември против селекцијата на Азербејџан (18 ч.). На 1 декември играат со Исланд (18 ч.), а на завршниот ден од квалификациите, на 2 декември ги очекува дуелот со Турција (20 ч.).
Првопласираната репрезентација во групата обезбедува пласман во јунскиот бараж за СП 2019. Место во баражот освен за првите, обезбедува и најдобрата второрангирана селекција од сите четири квалификациски групи.
Натпреварите од нашата група ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“, влезот е слободен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА