Бока бара правда – одбива да игра и сака пехар на „зелена маса“

Хаосот околу одигрувањето на реваншот од финалето во Копа Либертадорес меѓу Ривер плата и Бока јуниорс продолжува и во текот на денешниот ден, откако „сино-жолтите“ јасно ставија до знаење дека немаат намера да го играат овој натпревар.

Денеска во Асунсион се одржа состанок меѓу челниците на КОНМЕБОЛ и на двата клубови на кои се дискутираше за можноста реваншот од финалето да се игра во овој парагвајски град. Ривер веднаш реагираше со образложение дека стадионот е помал од „Монументал“ и над 20.000 домашни навивачи нема да можат да се најдат на трибините, но многу поголем проблем е ставот на Бока јуниорс – дека нема шанси гостите да го одиграат овој натпревар без оглед која локација би била избрана.

Раководството на Бока испратило документ од 26 страници во кој ја аргументира својата одлука, посочувајќи точки со кои тимот на Ривер како домаќин е виновен за слаба организација. Со самото тоа, Бока бара службена победа и доделување на пехарот „на зелена маса“, без нови 90 минути фудбалска битка.

На потег се челниците на КОНМЕБАЛ, кои ќе треба да се изјаснат час поскоро за ваквото барање на Бока, а потоа доколку истото биде отфрлено, да се одреди конечниот датум и место за одигрување на реваншот.

Се вчитува...