Македонија е голем фаворит за триумф на домашен терен над Косово, но македонските кошаркари се свесни дека таа улога ќе мора да се оправда со добра игра. Бојан Трајковски, кој беше клучен играч во големиот триумф во Приштина во првото коло, порачува дека ниту неиграњето на американскиот кошаркар Армстед за косовскиот состав не смее да ја намали фокусираноста во таборот на „црвено-жолтите“.
„Нема да биде воопшто лесно како што мислат многумина. Очекувавме да имаат промена во играта со новиот Американец, но според последните информации тој воопшто нема да игра за Косово против нас. Тоа е некоја олеснителна околност, но ние во секој случај мораме да се подготвуваме најдобро што можеме. Да ги одработиме максимално тренинзите во Скопје и во Гевгелија и стопроцентно да влеземе во мечот в недела како што тоа беше случај на првиот меч во Косово“ – вели Бојан Трајковски.
Крилниот центар во текот на летото си замина од редовите на МЗТ Скопје и се пресели во унгарскиот прволигаш Пакс, одлука што се покажува како правилна.
„Реално се чувствувам многу добро. На почетокот имав мали проблеми со адаптацијата бидејќи сепак се преселив во нова земја, но како што одминува времето, така играм се подобро. На последните две-три средби играм на високо ниво, самодовербата ми е на високо ниво и се надевам дека со добрите игри од Унгарија ќе продолжам и во репрезентативниот дрес“ – истакнува Трајковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА