Де Хеа бара плата колку Алексис Санчез

Манчестер јунајтед повеќе од една година се обидува да потпише нов договор со Давид де Хеа, но никако не упева да договори продолжување на соработката со извонредниот голман. Актуелниот договор на Шпанецот истекува во јуни 2020 година, а проблем за најтрофејниот англиски клуб се барањата на Де Хеа да биде најплатен фудбалер во клубот, рамо до рамо со Алексис Санчез. Или поточно кажано – неделно на „Олд трафорд“ да заработува по 350.000 фунти. Јунајтед денеска објави дека ја активира клаузулата за продолжување на договорот од 2019 до 2020 година, што беше сосема очекувано, но главниот проблем остнаува – како да се убеди шпанскиот голман својата долгорочна иднина да ја „врзе“ за гигантот од “Олд трафорд“.

Јасно беше дека Жозе Мурињо ја отвора „пандорината кутија“ во клубот кога му даде толкава плата на Алексис само да го убеди да дојде во Јунајтед наместо во Манчестер сити, а сега проблемите излегуваат на површина. Чилеанецот е трансфер-промашување, па агентите на Де Хеа ја користат ситуацијата за да укажат дека ако „ѓаволите“ сакаат да го задржат нивниот клиент, ќе треба да покажат дека го ценат најмалку на нивото на Алексис. Во нивни прилог оди и новиот договор што го потпиша Лук Шо за почетна плата од 150.000 фунти неделно, левиот бек што е константно критикуван од Мурињо, па сега Де Хеа бара и повеќе од двојно поголема сума за да остане на „Олд трафорд“.

На потег е управата на Манчестер јунајтед, да најде решение за овој проблем или пак да се подготви за продажба на одличниот голман, за кого се интересираа ПСЖ и Јувентус, како и Реал Мадрид кој во меѓувреме го доведе Тибо Куртоа за нов голман.

Се вчитува...