Кошаркарските фанови ќе можат да ги бодрат македонските репрезентативци на неделниот меч со Косово со купени влезници по популарна цена од 100 денари, објави денеска Македонската Копаркарска Федерација.
„Натпреварот ќе се одигра во спортската сала каде домашните натпревари ги игра тамошниот кошаркарски клуб Кожув – „26 април“. Правата за продавање на билети за натпреварот МКФ ги предаде на градот, па така билетите ќе се продаваат само во Гевгелија, од денес (29. ноември) до сабота (1. декември). Билети можат да се купат во спортската сала во Гевгелија по цена од 100 (сто) денари за билет. Билети на билетарата во спортската сала нема да бидат достапни за купување на денот на натпреварот. МКФ апелира до сите љубители на кошарката кои сакаат да го проследат натпреварот од трибините во спортската сала да ги купат своите билети како и да пристигнат во „26. април“ навреме како би се спречило несакана турканица на влезовите“ – се вели во соопштението на МКФ.
Натпреварот помеѓу Македонија и Косово ќе се одигра в недела (2. декември) со почеток во 17:45 часот.
Општина Гевгелија на својата официјална веб-страница обелодени дека купувањето на билетите ќе биде возможно само со лична карта, не потенцирајќи колку билети максимално би можело да купи секое лице.
„Цената на билетот изнесува 100 денари, а продажбата на билетите ќе биде во спортската сала, од денес до сабота. Сите заинтересирани при купување на билети треба со себе да понесат и лична карта. Влезот во спортската сала во недела ќе биде отворен од 16:00 часот, додека вратите се затвараат во 17:15 часот. Организаторот ги известува навивачите дека ако со себе носат метални, дрвени или било какви предмети кои би ја загрозиле безбедноста на натпреварот, ќе бидат отстранети“ – објави Општина Гевгелија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА