Алексис Санчез е „во аут“ до крајот на годинава

Алексис Санчез нема да може да се врати на терените до крајот на оваа календарска година поради повредата што ја заработи на вчерашниот тренинг на Манчестер јунајтед. Оваа информација ја обелодени Жозе Мурињо на денешната прес-конференција пред дуелот со Саутемптон, потенцирајќи дека повредата не е нималку наивна.

„Се уште ги немаме направено сите прегледи, па не можам да дадам точна прогноза за должината на паузата, но реално е да се очекува тој да биде „во аут“ до крајот на 2018 година. По моето искуство, според начинот на кој се случи повредата и врисокот што го слушнав, Алексис го очекува подолга пауза. Ова не е една од оние лесни повреди на мускули по кои фудбалерите се враќаат за десетина дена“ – истакна Мурињо.

Како што стојат работите, Санчез најверојатно повеќе нема да го облече дресот на Јунајтед со оглед на инсистирањето на фудбалерот да му биде дозволено веќе во јануарскиот преоден рок да си замине од „Олд трафорд“.

Се вчитува...