Македонската кошаркарска репрезентација денеска (17.45 часот) во Гевгелија го игра третиот натпревар од претквалификациите за Евробаскет 2021, дуел на кој избраниците на Јорданчо Давитков ќе го пречекаат Косово. Станува збор за ривал што пред нешто помалку од три месеци „црвено-жолтите“ го совладаа среде Приштина, а Косово згора на тоа доаѓа на денешниот натпревар значително ослабен, без Американец во своите редови.
„Реално гледано, подобри сме од Косово и ќе го докажеме тоа, ако не се случи нешто тотално непредвидливо, пред наши гледачи во сала што очекувам да биде исполнета до последно место, верувам дека резултатот нема да изостане. Противникот е ослабен со неиграњето на американскиот кошаркар, но клучна останува нашата одбрана на Бериша, кого го контролиравме некои 25 минути во Приштина и тоа ни донесе резултат. Тој секогаш погодува тешки шутеви во одреден дел од натпреварот, но наше е да го чуваме што подобро и да не му дозволиме да влезе во ритам“ – истакнува селекторот Давитков.
Косово на претходниот меч со Романија пред неколку дена со зонска одбрана ги остави ривалите на голем број отворени шутеви од далечина, тактика што Давитков верува дека гостинскиот селектор нема да ја повтори и против Македонија.
„Го гледавме тој меч, Косово водеше во првото полувреме додека Романците промашуваа, но потоа домаќините со неколку тројки во серија го решија победникот. Знаеме што да очекуваме од гостите, но не верувам дека ќе се решат на слична одбрана бидејќи сепак ние сме далеку подобри шутери од Романците, згора на тоа сега засилени и за Симоновски. Како што реков, подготвени сме тактички, поквалитетни сме од противникот и очекувам да стигнеме до победата“ – порачува кормиларот на македонскиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА