Во последниот натпревар од квалификациите за бараж за СП 2019, женската ракометна репрезентација на Македонија, вечерва (20 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ ќе игра против селекцијата на Турција.
По двете победи во првите два меча, со Азербејџан и со Исланд, македонските ракометарки се на лидерската позиција во групата и со очекува вечерва да го заверат пласманот во баражот за СП. Избраничките на селекторот Симе Симовски, играа максимално ангажирано и дисциплинирано во овие квалификации и во улога на фаворит влегуваат и во последната пресметка со Турција.
Турчинките имаат пораз од Исланд на стартот (23-36) и победа против Азербејџан во вториот натпревар синоќа (32-26).
„Турција е репрезентација која не треба да се потцени. Но, главно, ние треба да одиграме добро како на првите два натпревари и да ги завршиме професионално до крај. Со дисциплинирана игра во нападот и со цврста одбрана ќе се бориме да ги завршиме овие квалификации како што треба“ – вели селекторот Симовски.
Македонија и Турција последен пат играа меѓусебе на 23 јуни годинава, на Медитернаксите игри во Тарагона. На овој натпревар Македонија славеше победа (31-26), а одлична партија во нападот имаа капитенот Елена Ѓоргиевска и Сара Ристовска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА