„Пандевци“ и „вардарци“ ја измачија и топката, и себе и гледачите… (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Академија Пандев и Вардар, место дерби, за крај на есента на гледачите на стадионот „Кукуш“ во Турново им сервираа мачење.

Во реми без голови за заборав, „пандевци“ и „вардарци“ на лошиот терен за игра во Турново единствено ја измачија топката, но и себе и присутните на „Кукуш“. Колку за поделба на бодовите и барем без пораз да стават крај на овој дел од првенствената трка.

Најверните вардарови навивачи „Комитите“ од своите фудбалери побараа „за боите на дресот да го покажат бесот“… Ама, кај избраниците на Александар Васоски денеска во Турново не се виде ни желба, ни мотив, ни агресија, ни бес. Веројатно само очекување на конечно крај на полусезоната во која фудбалерите повеќе беа концентрирани на финансиската криза во која е западнат најтрофејниот македонски клуб, отколку на „зелениот терен“…

 

Се вчитува...