Јорданчо Давитков не го криеше задоволството по најновата победа на Македонија во овој претквалификациски циклус, со кој широко се отвораат вратите кон главните квалификации за Евробаскет 2021. Косово е ривал против кого Македонија секогаш важи за фаворит, но потешкиот дел секогаш е таа улога да се оправда на терен.
„Веќе реков дека најтешко е да се победи на однапред добиен натпревар, кога целата јавност очекува лесно да се стигне до триумфот. Почнавме одлично, а потоа таа убедлива предност придонесе да влеземе во низа на избрзани шутеви кои не ги погодивме. Како и да е, во вториот дел се консолидиравме, целосно го запревме Бериша и рутински го приведовме натпреварот до крај. Имаме три победи, но јасно ни е дека работата не е завршена. Можам уште сега да најавам дека нема да калкулираме со кош-количникот, одиме да победиме и во последното коло во Романија“ – изјави Давитков.
Селекторот издвои двајца кошаркари од кои беше пријатно изненаден на денешниот меч.
„Не сакам да издвојувам поединци, но во случајов би го потенцирал настапот на Магдевски, кој одигра одлично во одбраната на Бериша, а имаше и добри потези во фазата на нападот. Витингтон исто така одигра многу подобар меч отколку на дебито со Швајцарија. Јасно ни е, тој е поразличен тип на играч од Хендрикс, на чија игра сите се навикнати, но Шејн денеска покажа добра игра, постигна значајни поени, но и помагаше во одбраната, излегувајќи на седум-осум метри од Бериша“ – истакна Јорданчо Давитков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА