Блокотехна со денешниот натпревар против Академик (18.30 часот) почнува со овосезонскиот настап во БИБЛ-лигата. Раководството на клубот од Гевгелија се договори со челниците на БИБЛ за дополнително да се вклучи во регионалното натпреварување, во кое минатата сезона стигна до фајналфор турнирот. Со тоа, тимот предводен од Марјан Илиевски повторно ќе се здобие и со меѓународно искуство паралелно со настапите во домашното првенство, каде Блокотехна во моментов се наоѓа на првото место на табелата.
„Според мене, играњето во БИБЛ минатата година беше големо искуство за сите нас и се надевам дека и оваа година ќе ги има истите ефекти. Нашите амбиции се повторно да се пласираме меѓу најдобрите четири екипи, но се уште е рано за било какви прогнози. Имаме многу натпревари пред нас, но верувам дека сме подготвени за овој предизвик“ – истакнува капитенот Горан Главчев.
Прв ривал на Блокотехна ќе биде бугарскиот прволигаш Академик, со кого македонскиот претставник се сретна и во ланската сезона од БИБЛ-лигата.
„Ние секогаш играме идентично, желба ни е да победиме. Истото ќе биде случај и денеска против Академик, бидејќи сакаме со триумф да ја отвориме сезоната. Нема да биде лесно, Академик има одличен состав и дефинитивно ќе ни биде еден од ривалите за влез меѓу првите четири екипи на табелата“ – вели Главчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА