Блокотехна во голем стил го стартуваше својот настап во БИБЛ-лигата, откако во првиот натпревар на домашен терен ја совлада екипата на Академик со убедливи 89-74. Иако против себе имаше директен ривал од битката за највисок пласман, тимот на Марјан Илиевски одигра одличен меч во кој целосно го контролираше резултатот и на крајот заслужено стигна до убедлив триумф над гостинот од Бугарија.
Првото полувреме мина во знакот на Данило Мијатовиќ, кој постигна 23 поени пред да биде повлечен од игра во 18. минута. Во финишот полувреме во серија влезе и Гаидис, па Блоко замина на одмор со предност од 50-43. Македонскиот претставник имаше контрола над играта, но гостите од Бугарија не се предаваа. На половина од последната четвртина Академик дојде на само четири поени разлика, но Главчев погоди во клучен момент, потоа Блокотехна се врати во фуриозен ритам во нападот и на крајот славеше со убедливи 15 поени разлика.
Миајтовиќ одигра фантастичен натпревар реализирајќи 37 поени, Младеновиќ имаше 15 поени и девет асистенции, Гаидис постигна 14, а Главчев 13 поени. Своето деби во дресот на Блокотехна го имаше Американецот Пен, кој по само неколку тренинзи со новите соиграчи постигна само два поени.
Во следниот натпревар од БИБЛ-лигата тимот на Блокотехна ќе гостува на Теута, но претходно избраниците на тренерот Илиевски ги очекува градското дерби против Кожув во рамките од македонското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА