Вардар славеше минимално на најновото македонското дерби во СЕХА-лигата, дури и во ситуација во која тренерот Парондо јасно стави до знаење дека мечот ќе го искористи за да им даде заслужен одмор на дел од клучните играчи. Поради повреда веќе извесно време ги нема Борозан и Мораеш, но вечерва ги немаше ниту Дибиров и Стоилов, како и двајцата голмани кои вообичаено имаат предност пред Кизиќ.
Младинскиот македонски репрезентативец максимално ја оправда довербата, а Вардар и со комбиниран тим на крајот успеа да триумфира. Во таборот на Металург дефинитивно има за што да се жали, бидејќи триумф над „црвено-црните“ ќе ја кренеше самодовербата кај младиот тим од Автокоманда во пресрет на предизвиците што ќе го очекуваат во 2019 година.
Вака, останува тагата за пропуштената шанса и оние „плус четири“ од второто полувреме. Младите ќе треба час поскоро да ја научат оваа лекција, да извлечат поуки за грешките да не се повторат. Па во иднина и тие да преземат голем дел од одговорноста, а не да остават Шпенде да игра симултанка со 14 упатени шутеви дури и во ситуација кога на Словенецот не му одеше најдобро.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА