Кошаркарите на МЗТ Скопје по кратката пауза поради репрезентативните настапи се враќаат на обврските во АБА2 лигата, каде вечерва со почеток во 19 часот ќе го пречекаат составот на Сутјеска. „Металците“ имаат максимален ефект на домашен терен сезонава и се очекува во ист стил да продолжат и на вечерашниот дуел, со оглед на фактот дека противникот во досегашните девет кола има четири победи и пет порази. Главни адути на Сутјеска се двајца кошаркари кои минатата сезона го носеа дресот на МЗТ Скопје, плејмејкерот Павличевиќ и крилниот центар Спасојевиќ.
„Со нетрпение го очекуваме дуелот со Сутјеска, за повторно да влеземе во натпреварувачки ритам. Сакаме да победиме, но јасно ни е дека противникот нималку не е лесен и наивен. Искуството ќе биде нивни главен адут, но верувам дека имаме сили и знаење да ја продолжиме победничката серија на домашен терен“ – истакна Американецот Џејмс Вудард.
Тренерот Ѓорѓи Кочов се соочува со нов проблеми бидејќи во меѓувреме остана без помошта на повредениот Младеновски, а поради повреда денешниот натпревар ќе го пропушти и искусниот Дарко Соколов.
„Мораме многу сериозно да гледаме на Сутјеска бидејќи тоа е тим што прикажа добра игра во досегашниот дел од шампионатот. Очекувам Спасојевиќ и Павличевиќ максимално мотивирани да влезат во натпреварот, тие се клучни играчи на Сутјеска. Ние сме ослабени со неиграњето на Соколов и на Младеновски, но очекувам останатите да излезат на терен, да излезат на паркетот максимално решително и да го надополнат нивното отсуство“ – вели Кочов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА