Ракометарите на Пролет со нетрпение го очекуваат денешниот натпревар на гостински терен против Бутел, меч на кој триумф би го „зациментирал“ нивниот пласман во плејофот. Во првиот дел од сезоната Бутел како гостин го изненади Пролет, но сега избраниците на тренерот Матлиески се подготвени за реванш против градскиот ривал.
„На тој меч ни се случи истото како и на последниот домашен дуел со Пелистер, цели 50 минути имавме и водство и контрола над играта, за потоа во финишот да промашиме бројни зицери и да му овозможиме на противникот да се врати. Мое мислење е дека имаме квалитет за да славиме во Бутел иако ривалот е за целосен респект, но не смееме да си дозволиме толку многу осцилации во играта. Работевме на тој сегмент и се чувствуваме подготвени, да одговориме на предизвикот што е пред нас“ – порачува пивотот Филип Василевски за клупската веб-страница.
Денешната градска пресметка воедно ќе претставува и братски дуел, со оглед на фактот дека близнаците во таборот на Пролет, Александар Василевски и Филип Василевски, против себе ќе го имаат својот брат, Кристијан, кој до пред извесно време настапуваше за Пролет, а неодамна се пресели токму во редовите на Бутел.
„Семејството е многу важно во животот – но кога се излегува на терен почнува борбата за победа и целиот фокус е на тоа. И претходно во кариерите имаме настапувано меѓу себе, секогаш била беспоштедна битка за да се стигне до триумфот и на крај му се честитало на победникот“ – едногласно истакнуваат Александар и Филип.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА