Во Блокотехна без еуфорија: Победуваме со убава кошарка, треба да продолжиме така

Блокотехна се зацврсти на првото место на табелата откако без премногу проблеми славеше на градското дерби против Кожув. Одличната игра во првото полувреме и обезбедените „плус дваесет“ по првите две четвртини даде можност да дојде и до мал пад во темпото во вториот дел, а тоа посериозно да не се одрази врз конечниот исход.

„Клучно беше што одигравме добро во одбраната и спречивме од самиот почеток да се разиграат нивните клучни играчи. Потоа кога во втората четвртина се одлепивме на 20 поени предност, беше полесно да се приврши мечот“ – истакнува Марјан Младеновиќ.

Плејмејкерот на Блокотехна одигра извонреден натпревар и повторно многу малку му недостигаше да стигне до трипл-дабл, завршувајќи го градското дерби со 17 поени, девет скокови и девет асистенции.

„По натпреварите се случува дел од соиграчите да ми соопштат колку малку му недостигало, но јас не се оптоварувам со трипл-дабл. Најважно од се е Блокотехна да победува, се останато е секундарно“ – скромно порачува Младеновиќ.

Тренерот Марјан Илиевски посочи дека воопшто нема простор за еуфорија бидејќи Блокотехна екпресно се насочува кон наредните предизвици во домашното првенство и во БИБЛ-лигата.

Она што е заштитен знак на Блокотехна од првиот ден на овој клуб е настојувањето секој меч да го одиграме најдобро што знаеме, да прикажеме допадлива кошарка и со тоа да придонесеме публиката да ужива. Така беше и на дуелот со Кожув, ова беше вкупно трето градско дерби, во кое наша цел беше да се прикаже игра и да се создаде спортска атмосфера во која гевгелиската публика би била горда на своите два клуба. Одигравме онака како што знаеме и умееме, борбено за секоја топка од првата до последната минута, она што ја краси Блокотехна цела сезона беше случај и сега и мислам дека публиката имаше можност да види фер-борба меѓу два клубови од истиот град. На секој натпревар настојуваме да играме исто, сепак сме во фаза во која ќе играме паралелно и во БИБЛ-лигата и моравме да сочуваме и дел од силите за предизвиците што ќе следат, бидејќи влегуваме во згуснат распоред во кој веќе во вторник не очекува гостување во регионалното натпреварување. Им честитам на моите кошаркари за добрата игра и победата, а на тимот на Кожув му посакувам многу среќа на наредните средби“ – истакна Илиевски.

Се вчитува...