ФФМ го отвори изборот за нов претседател, надвор од делегатските кругови (ФОТО)

Новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија ќе може да биде и кандидат кој не е делегат на Собранието. Со ова, ФФМ ја отвори можноста следниот претседател да биде и личност која во моментот не е активна во федерацијата, но, оставило свој белег во македонскиот фудбал во минатото, но сепак да има база од некој Општински фудбалски сојуз. Овие измени на Статутот на федерацијата беа донесени со едногласна одлука од сите присутни делегати, 88 од вкупно 96 кои се дел од Собранието на ФФМ.

Во иднина, категорично ќе мора да има и само еден потпретседател на Фудбалската федерација на Македонија.

Предложените измени на Статутот на Фудбалската федерација на Македонија беа и главната точка на седницата на Вонредното Генерално Собрание. Основна цел е олеснување на процесите за кандидирање и избор на претседател во членовите 43, 53, 65, 86 и 91 од Статутот на ФФМ.

Изменето е претходното решение според кое кандидатот за претседател на ФФМ се избираше само од редот на делегатите, а направена е и измена дека кандидатите не мора во тој момент да бидат активни членови во Фудбалската федерација. Се остава можност, кандидатот и во минатото да имал активност во македонскиот фудбал. Но, кандидатот не смее да ја надминува старосната граница за пензионирање.

 Седницата на Вонредното Генерално Собрание заврши за помалку од еден час, а во наредниот период треба да се иницира ново Изборно Собрание на ФФМ. Најверојатно, тоа ќе се случи на Редовното годишно Собрание на ФФМ во март наредната година.

 

Се вчитува...