Со начинот на кој ги портретираат „младите црни играчи“ весниците го поттикнуваат расизмот. Ова е реакцијата на Рахим Стерлинг по расистичкиот инцидент кој му се случи на дуелот меѓу неговиот Манчестер Сити и Челси. 24-годишниот англиски репрезентативец се соочи со расистички навреди за кои истрага поведе Скотланд Јард.
Стерлинг се огласи на Инстаграм со обвинението за одговорноста на медиумите давајќи пример околу насловите и описите кои ги користат весниците и какви драстични разлики прават при пишувањето за белите и за црните играчи.
Тој ги посочува примерите на Тосин Адарабиојо и на Фил Фоден.
„Двајцата се млади фудбалери, играат во ист клуб и двјацата купуваат куќи за мајките. Но, погледнете ги насловите во случајот кога се работи за млад бел и кога се работи за млад црн играч“ – напиша Стерлинг.
Тој во продолжение со фотографии од насловите на весниците го илустрира примерот.
„Само се насмевнав. Јас ништо подобро и не очекувам“ – вели Стерлинг за расистичките напади кон него на „Стемфорд бриџ“ повикувајќи на еднаквост во медиумите.
И англиската фудбалска асоцијација објави дека ќе соработува со клубовите и со властите во расчистувањето на расистичкиот инцидент и нападите кон Стерлинг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА