ФФМ ги избра најдобрите: Ибраими фудбалер на годината, признанија за Пандев и Барди (ФОТО)

Офанзивецот на Шкендија, Бесарт Ибраими сосема очекувано е избран за најдобар фудбалер на Македонија за сезоната 2017/2018 на свеченоста во организација на Фудбалската федерација на Македонија која вечерва се одржа во Македонскиот народен театар.

Ибраими покрај признанието за најдобар фудбалер, во вечерта која ја одбележа тетовска Шкендија со вкупно седум награди, го доби и она за најдобар стрелец во шампионатот.

„Сакам да се заблагодарам на сите без кои нема да можев да стигнам до ова признание, а тоа се сите во клубот Шкендија почнувајќи од логистичкиот тим па до соиграчите. По повредата, сега се надевам дека ќе се вратам уште посилен, а оваа награда ќе ми даде дополнителен мотив за тоа“ – рече Ибраими.

Посебно признание за долготраен придонес во македонскиот фудбал доби најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев кој преку видео порака од Џенова се заблагодари за ова признание.

За најдобриот репрезент на македонскиот фудбал во странство, пак, беше прогласен Енис Барди од Леванте.

„Благодарам искрено на сите кои ми помогнаа за да дојдам до ова признание. Благодарам на ФФМ, на селекторот и репрезентативни соиграчи како и Леванте каде запишав навистина успешни денови изминатава година. Се надевам дека следната година сите заедно ќе бидеме уште поуспешни“ – порача Енис Барди во видео пораката од Валенсија.

Најдобар тренер за изминатата 2017/2018 сезона сосема очекувано стратегот на Шкендија, Ќатип Османи….

„Фудбалот е колективна игра, па по заеднички позитивни резултати доаѓаат и индивидуални признанија. И јас ова признание ќе го немав ако не беа сите фудбалери, мои стручни соработници, навивачи како и нашата компанија Еколог и фамилијата Дестани кои ни овозможија идеални услови за работа за да дојдеме до овие успеси“ – истакна Османи кој наградата ја доби од поранешниот македонски селектор Драган Канатларовски.

Признанието за фудбалски работник на годината замина во рацете на сопственикот на второлигашот Кит Го од Пехчево, Кирил Гогов кој за само неколку години успеа со силни вложување малото гратче од Малешевијата да го издвои како значаен дел на македонската фудбалска карта…

„Кога одлучивме да инвестираме во Пехчево во ова наше мало гратче спортот и да не постоеше. Сега сме горди што преку нашиот клуб силно допринесуваме за спортски развој и на овој регион од Македонија. Ќе продолжиме со исто и уште посилно темпо и во иднина желни да дојдеме рамо до рамо со најдоброто од фудбалот во нашава земја“ – истакна Гогов.

Признанијата во младинскиот фудбал во голема мера заминаа кај тетовска Шкендија. Најдобар младински клуб е Шкендија, најдобар тренер Беким Османи а најдобар млад фудбалер, репрезентативецот Енис Фазлагиќ кој во моментов е член на словачка Жилина.

Барем една награда од тетовци успеа да украде офанзивецот на младинскиот тим на Вардар, Абдулхади Јахја кој е најдобар стрелец за сезоната 2017/2018.

Во женскиот фудбал признанието за најдобра фудбалерка го понесе Александра Ристовска од Тиверија, а најдобар тренер е Илија Мандаров од ЖФК Драгон.

НАЈДОБРИТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ ЗА 2018 ГОДИНА:

Најдобар фудбалер: Бесарт Ибраими (ФК Шкендија)

Посебен придонес во репрезентативниот фудбал: Горан Пандев (Џенова, Италија)

Најдобар репрезент во странство: Енис Барди (Леванте, Шпанија)

Најдобар тренер: Ќатип Османи (ФК Шкендија)

Најдобар стрелец: Бесарт Ибраими (ФК Шкендија)

Фер-плеј екипа: ФК Шкендија

Најдобар фудбалски работник: Кирил Гогов (ФК Кит Го – Пехчево)

Најдобар судија: Марјан Маркоски (Охрид)

Најдобар клуб во младински фудбал: ФК Шкендија

Најдобар млад фудбалер: Енис Фазлагиќ (ФК Шкендија)

Најдобар тренер во младински фудбал: Беким Османи (ФК Шкендија)

Најдобар стрелец во младински фудбал: Абулхади Јахја (ФК Вардар)

Најдобар фудбалер во футсал: Дарко Рангетов (КМФ Велес)

Најдобар тренер во футсал: Марјан Стефановски (КМФ Велес)

Најдобар тренер во женски фудбал: Илија Мандаров (ЖФК Драгон)

Најдобра фудбалерка: Александра Ристовска (ЖФК Тиверија)

Најдобар стрелец во женски фудбал: Улза Максути (ЖФК АС јунајтед)

Млад перспективен фудбалер во женски фудбал: Јана Чубриновска 

Признание за придонес во женски фудбал: Славе Велков

Се вчитува...