И Шмајхел сака функција на „Олд Трафорд“

Отказот на Жозе Мурињо, доаѓањето на Оле-Гунар Солскјер во жешкото менаџерско столче и победата на Манчестер Јунајтед од 5-1 над Кардиф во тренерското деби на Норвежанецот – разбудија интересирање и кај некои други некогашни „црвени ѓаволи“ да се вратат на „Олд Трафорд“во нови улоги.

По најавите од клубот дека ќе назначи фудбалски директор, легендарниот голман Петер Шмајхел најави можност да се пријави за функцијата.

„Сериозно размислувам да аплицирам. Најважно е Манчестер Јунајтед да си ги врати културата и идентитетот. Деновиве се прашувам дали имам доволно квалитети за тоа. Ако дојдам до позитивен одговор, ќе го ставам и моето име во кругот на кандидатите. Добро ќе размислам во текот на божиќните и новогодишните празници и ќе решам“, изјави Данецот.

Петер Шмајхел осум сезони го бранеше голот на Манчестер Јунајтед, освојувајќи пет премиерлигашки титули и три пехари во ФА Купот, а стана и европски клупски првак во 1999.

 

Се вчитува...