Дебитантот Димитриоски: Секој од нас сонува да оди на Светско првенство

Левото крило на Металург, Димитар Димитриоски е дел од бранот нови сили во ракометната репрезентација кој ги почна подготовките за настапот на Светското првенство во Германија и Данска. Тој е во групата избрани што добија можност да бидат на подготовките на националниот тим и ќе се борат за шанса кај селекторот Раул Гонзалес. За дебитантот во националниот тим, повикот е чест.

„Чувството не може да се опише. Да играш во националниот дрес е светост за секој спортист. Мора да докажеш дека стручниот штаб не погрешил со тоа што си меѓу повиканите и постојано да се бориш и да докажуваш дека навистина вредиш. Секој од нас сонува да оди на Светско првенство. Секој ќе се бори да добие место“ – вели Димитриоски.

Тој нема искуство на големите натпреварувања, но ги знае квалитетите на противниците од прелиминарната група.

„Знаеме дека веќе сите играат ракомет. Нема слаб противник. Ние ќе се бориме на секој натпревар, во сите 60 минути. Можеби почетокот е најважен, но ние ќе играме против сите. Никогаш не се влегува во натпревар со идеја да загубиш“ – вели потенцијалниот дебитант на ракометните мундијали.

Младите ракометари кои се на списокот на селекторот Гонзалес го имаат овој период до Светското првенство за да се изборат за едно од местата кои водат на планетарниот собир.

 

Се вчитува...