Сенегалскиот дефанзивец Калиду Кулибали беше во центарот на вниманието за време на синоќешниот натпревар на Наполи против Интер во 18. коло од Серија А.
Навивачите на Интер за време на натпреварот го навредуваа фудбалерот на Наполи на расна основа, за да Кулибали по натпреварот и самиот се огласи преку својот Твитер профил. Кулибали испрати порака од која многумина може да научат нешто…
„Разочаран сум од поразот, но и поради тоа што ги оставив моите браќа. Но, горд сум на бојата на мојата кожа. Горд сум што сум Французин, Сенегалец, Наполитанец… Човек!“ – напиша Кулибали.
Интересно, за време на мечот официјалниот спикер на стадионот во неколку наврати ги опомена навививачите дека ќе се прекине натпреварот ако се продолжи со скандалозните скандирања. Но, навредите продолжија а мечот не се прекина.
Затоа и тренерот на Наполи, Карло Анчелоти беше бесен по натпреварот. На прес-конференцијата истакна дека ако во иднина не се прекинуваат натпреварите по навреди на расна основа, тогаш тие сами ќе ги напуштаат мечевите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА