Тинекс Пролет зад себе има успешна година со уште една европска авантура, но што е уште поважно и стабилност, постојаност и систем кој полека станува пример и за другите суперлигашки клубови.
„Во секој случај, ние како Тинекс Пролет сме презадоволни од оваа 2018 година. Имаме причина за задоволство и од успесите на самиот тим, но и од работата на тренерот Никола Матлиески. Резултатски гледано минавме одлично, излеговме во Европа и нашите млади играчи се здобија и со меѓународно искуство. Сега, и во оваа сеозна сме многу блиску до пласман во плеј-офот со настап исклучиво со македонски ракометари, така што сигурно чекориме по патот што го имаме зацртано“ – вели извршниот директор на Тинекс Пролет, Сашо Огњеновски во интервјуто за клупскиот сајт.
Никола Матлиески минатата година дојде на клупата на местото на Илија Темелковски и одлично се вклопи во долгорочниот проект на Пролет, Огњеновски тоа го потенцира како една од најважните работи во успешната приказна на скопскиот суперлигаш.
„Среќни сме и задволни од начинот на кој работи Матлиески, од начинот на кој ја води оваа наша „приказна“. Целокупната ракометна јавност е добро запознаена дека нашиот проект е долгорочен, ние не бркаме инстант резултат, така што имаме апсолутна доверба во тренерот , кој знае дека има поддршка од нас како управа“ – вели Огњеновски.
Фокусот на Тинекс Пролет и во иднина ќе биде исклучиво на домашните македонски ракометари. Тој е единствен македонски клуб во кој не подлегна на трендовите со странски засилувања и во кој определбата во прв план секогаш да бидат домашните македонски ракометари, веќе е и еден вид традиција. А, овој систем на работа веќе стана и пример за другите.
„Сигурно дека кај сите нас има голема сатисфакција кога гледаме дека она што го говоревме со години, дека македонските играчи мора да бидат темелите на сите суперлигаши и таа наша политика почнуваат да ја применуваат и останатите клубови. Сведоци сме дека Пелистер се ослободи од странците на среде сезона, Охрид минатото лето го смени начинот на функционирање и сепак бележи добри резултати, Работник исто така сега има повеќе Македонци, додека странците се користат само да се пополнат одредени „дупки“ во тимот. Се надевам дека овој тренд ќе придонесе да дојде до уште поголема популаризација и дека ќе излезат нови генерации млади ракометари.Тоа е она на што сме многу горди, што играме само со домашни играчи, што настојуваме да најдеме и нови млади ракометари со кои би се засилиле, а фактот што другите тргнуваат по нашиот пат е само доказ дека добро си ја вршиме работата“ – со гордост истакнува извршѓниот директот на Тинекс Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА