Нови 365 дена, нови желби, надежи и соништа. И македонскиот спорт отвора ново поглавје во кое и спортистите и сите ние со нив влегуваме со мечта за големи настани и за уште поголеми резултати. Националните селекции се оние кон кои се насочени очекувањата. Репрезентациите обединуваат и нивните резултати и успеси се олицетворение на соништата на нацијата. Во 2019 со надеж ќе гледаме кон најпопуларните репрезентативни состави, ракометниот, фудбалскиот, кошаркарскиот и одбојкарскиот.
Кире, Раул и новите сили преку Минхен до Келн и кон олимписките соништа
Ракометната репрезентација во последнава декада го носи најголемиот товар на надежите на спортската јавност. И секоја година веќе традиционално ја почнуваме со настапите на оваа селекција на големите натпреварувања. Парните години се за Светските првенства. На претстојниот шампионат во Германија и во Данска првата одредница на тимот што го избира селекторот Раул Гонзалес е Минхен, од каде што ќе треба да биде трасиран патот кон резултат кој би ги подгреал и олимписките надежи.
Потешкиот пат е за вистински силните…
Репрезентацијата која може да направи национална еуфорија со пласман на Европско првенство е фудбалската. Селекцијата на Игор Ангеловски во минатата година направи значаен чекор кон остварување на големиот сон со пласманот во полуфиналето на Лигата на нациите. Сепак докажувањето на големата европска сцена оди преку контиенталните квалификации за собирот во 2020 година. Од март најдобрите македонски фудбалери ќе влезат во циклусот кој е потешкиот пат до еврошампионатот, но е вистински тест за квалитетите кон кои претендира оваа селекција, која 2018 ја мина со само еден пораз.
И одбојкарите можат на Европско…
Два натпревара до европска слава. На ова скалило во моментов се македонските одбојкарски репрезентативци. Да се поминат успешно дуелите со Украина и со Унгарија за да се обезбеди доволно бодовно салдо, па преку втората позиција на табелата во квалфикациската група да се обезбеди историско место меѓу континенталната елита.
Од европското дно до нормализирање на позициите
Кошаркарската репрезентација не е ниту блиску до успесите на останатите репрезентации. Славните времиња одамна поминаа, но во годинава што претстои оваа репрезентација треба и сосема извесно ќе го завери враќањето меѓу европските селекции кои што се натпреваруваат во редовниот квалификациски циклус за континенталните собири. На единствениот преостанат дуел од претквалификациите со Романија, македонските кошаркари можат и загубат и сепак да бидат на првата позиција во групата, но пораз со вакви противници не е опција кога се претендира на докажување на далеку повисоко квалитативно ниво во однос на друштвото во кое се наоѓате.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА