Лазаров во избрано друштво – не е до годините, до мајсторлукот е

Се ближи стартот на ракометниот Мундијал во Данска и во Германија, на кој ќе видиме некои нови ракометни имиња и ѕвезди во подем. Сепак, на големата сцена повторно ќе блескаат и играчи кои десетина години наназад не само што се дел од големите натпреварувања, туку и оставаат силен печат на светските и европските шампионати. А кога ќе се бира едно вакво „избрано друштво“ на великани, тука неодвоив дел е македонскиот капитен, Кире Лазаров.

КИРЕ ЛАЗАРОВ

Нашиот „бомбардер“ веќе има наполнето 38 години, но Лазаров се уште е кошмар за противниците и на клупски и на репрезентативен план. „Бум бум Кире“ има индивидуални признанија како најдобар стрелец и на светски и на европски шампионати, лани стана и прв стрелец во историјата на Ф4 турнирите од Лигата на шампионите, па нема сомнеж дека Лазаров е подготвен за нов блесок на големата сцена.

РАУЛ ЕНТРЕРИОС

Шпанците направија бројни промени во составот во последните години, но Ентрериос остана важен играч и кај актуелниот селектор. Луциден и пред се многу сигурен во нападот, 37-годишниот Раул Ентрериос со своето искуство придонесува „црвената фурија“ да делува исклучително стабилно на позицијата среден бек. Впрочем, неслучајно и во тимот на Барселона во „ремонтот“ во кој си заминаа бројни ракометни „ѕвезди“ Ентрериос остана како „играч од доверба“ на Чави Пасквал.

ДАНИЕЛ ШАРИЌ

Роден во 1977 година, Даниел Шариќ има наполнето 41 година, но се уште важи за еден од најдобрите светски голмани. Во кариерата промени неколку репрезентации, но во последните години застана на голот на Катар, добро наплаќајќи го пасошот што го зеде од оваа земја, каде настапува и на клупски план. Шариќ беше најзаслужен што пред четири години Катарците стигнаа до мундијалско финале на домашен терен, а ако оваа земја сака да дотурка подалеку на ова СП, голманот роден во Добој ќе мора да потсети на најдобрите времиња од својата фантастична кариера.

ГУДЈОН ВАЛУР СИГУРДСОН

Кога клуб како ПСЖ ќе реши да го замени Генсхајмер со играч што во август ќе наполни 40 години, јасно е дека тој играч е исклучителен. Нема дилеми дека Гудјон Валур Сигурдсон ќе остане запишан во историјата како еден од најдобрите играчи на својата позиција, исландското лево крило игра извонредно за Рајн-Некар Левен, но и за својот национален тим, па една од клучните работи што македонските ракометари ќе мора да ја сторат на последниот меч во Минхен ќе биде токму запирање на овој голем ас.

Михаел Гигу

Еден ден по официјалното завршување на овој светски шампионат, Михаел Гигу ќе наполни 37 години, но крилото на Монпелје се уште ја поседува истата глад за победување како и пред 17 години, кога дебитираше во дресот на „триколорите“ на дуелот со Јапонија. Оттогаш тој нанижа две олимписка злата, четири златни медали од светските и уште три од европските шампионати, згора на тоа и освои две титули европски клупски првак со Монпелје. И на сето тоа, реши да му се стави на располагање на својот поранешен соиграч Динар, сега селектор на Франција, во атакот на нови медали од големите натпреварувања.

Се вчитува...